Музеј на Мајка Тереза

Агнеса Гонџа Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година во Скопје, Македонија во фамилијата на Никола и Драна Бојаџиу како најмала од три деца. Нејзиниот татко бил познат трговец и член на Градскиот Совет на Скопје како единствен католик. Куќата на фамилијата Бојаџиу била отворена за сите, особено за сиромашните на кои несебично им помагале. На 27 август 1910 е крстена во католичката црква “ Пресвето срце Исусово”, датум кој го зема за нејзин роденден. На пет и пол годишна возраст ја прима првата причест. Во 1919 година Никола Бојаџиу починува по што семејството запаѓа во финансиска криза. Утеха и мир младата Гонџа наоѓа во молитвите.
Писмата на мисионерите од Индија кои се читале помеѓу младите католици, оставиле толку силен впечаток врз младата Гонџа, така што на дванаесет годишна возраст и се јавува силна потреба да му служи на Бога.
Желбата да и се оддаде почит на најпознатата скопјанка и единствената нобеловка од Македонија резултираше со реализирање на долго посакуваната идеја - градење на Спомен куќа на Мајка Тереза.
Спомен куќата на Мајка Тереза е непрофитна организација финансирана од Министерството за Култура.
Локацијата на самиот објект е не случајно избрана. Имено, на ова место до земјотресот во 1963 година се наоѓала католичката црква “Пресвето срце Исусово” во која Мајка Тереза, тогаш Гонџа Бојаџиу, била крстена само еден ден по своето раѓање, во оваа црква таа ја примила првата причест, тука го наоѓала духовниот мир кога после смртта на таткото, семејството Бојаџиу западнало во тешка финанскиска ситуација.
Ова место има посебно значење и влијание врз формирањето на карактерот на младата Гонџа и нејзината желба да им помага на унесреќените која уште од многу млада не само што пеела во црковниот хор туку и учествувала во добротворни акции. На еден начин самата локација претставува еден симболичен мост помеѓу младата скопјанка Гонџа и една од најголемите хуманитарки во светски рамки Мајка Тереза.