пештера Врело - Една од најдлабоките подводни пештери во светот

Подводната пештера Врело е лоцирана во кањонот Матка од десната страна на реката Треска во близина на македонската престолнина, Скопје. Пештерата е систем од две пештери една над (наречена Врело) и една под водата (наречена Подврело) и езеро. На таванот е вистински „дожд“ од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови. Посебно воодушевуваат „столбовите близнаци“, кои се високи околу 6 метри и се со бела кристална боја.

Во длабочината на пештерата се наоѓаат две езера, Мало и Големо Езеро со своја т.н. руска плажа. Плажата го добила името така што меѓу првите во неа се бањале руски пилоти вработени во македонското воздухопловство. Малото езеро има форма на осумка. Во најширокиот дел има димензија од 8 м, а должината и длабочината му се 15 м, додека Големото езеро има должина од 35 м, широчина од 15 м, а длабочина од 15-18 м. Присуството на сталактитите во водата упатува на заклучок дека некогаш во пештерата немало вода. Оваа констатација ја потврдува еден спелеолог и информира дека езерата се создадени по изградбата на акумулацијата Матка во 1936 година.

Во пештерата има и т.н. „концертна сала“, од чија лева страна се таканаречените „пишани камења“. Станува збор за систем од знаци, можеби и за писмо, за чие дешифрирање и толкување треба стручна помош.

До пештерата Врело се стигнува со организиран превоз со чамец кој трае околу 20 минути. Чамецот застанува на специјално направена платформа, а потоа се пешачи до влезот на пештерата. Веднаш на влезот се наоѓа „концертната сала“, а од левата страна се наоѓаат таканаречените „пишани камења“. Централниот простор го зазема сталактитот „шишарка“ (висок два метра), според кој е наречена втората сала (Сала на шишарката), додека понатаму е третата сала (Сала на езерата). Во пештерата може да се сретнат лилјаци.